Филипче: Разочаран сум од оние што седат на маса со Левица

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, порача дека е разочаран од оние кои седат на иста маса со Левица и истовремено зборуваат за реформи во СДСМ.

Филипче посочи дека е разочаран од таа мала група поранешни партиски функционери и дека со седнувањето со Левица на иста маса се поставува прашањето дали навистина имаат добронамерни намери. Тој додаде дека учеството на Левица во таа платформа отвора сериозни прашања за тоа какви политики и ставови содржи предлогот за реформи што го изнесоа од платформата.

„Јас не сум скаран, но мора да кажам дека сум разочаран. Поради тоа што вратата им беше отворена и им е отворена, ако вистина има добра намера. Но се прашувам, имаат ли добра намера ако седат на маса со Левица? И така зборуваат внимавајте за некакви си реформи во СДСМ. Што ќе стои во тој предлог? Некои од политиките на Левица? Дали ние треба да прифатиме дека НАТО се убијци? Дали тоа ќе ни го предложат сега во партијата?“, рече Филипче.

Во одговорот Филипче потсети и дека дел од луѓето од платформата кои денес зборуваат за реформи, не учествуваа во досегашните партиски активности на СДСМ, а сега зборуваат за реформи.

„Зошто не се вклучија во досегашните партиските активности? Еве пратеничката Петровска, на ниту една партиска активност, изминатите месеци не е појавена. Ја нема извршено својата партиска должност. И сега ќе зборува за некои реформи“, рече Филипче.

Тој додаде дека партијата има нов тим и дека приоритет е консолидацијата на СДСМ, без повторно да се наметнуваат политики кои претходно ѝ нанеле штета на партијата.

„Првенците на таа платформа се луѓето кои што ѝ нанесуваа најголема штета на партијата. За малку ќе ја закопаа со лошите политики. Заклучно со 2024 година. Сега ние имаме нов тим, млади луѓе, се обидуваме да консолидираме, повторно ставаат сопки. Нема да им помине, само добра намера, прифаќаме. Ништо друго“, рече Филипче.

Scroll to Top