Се случува економско цунами, странските инвестиции си заминуваат, има 30% помалку вработени, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој укажа на, како што кажа, сериозната економска состојба во државата поради, како што рече, промашените економски политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче предупреди дека и домашните и странските инвеститори веќе отпушаат вработени, со што, како што кажа, сериозо се загрозува егзистенцијата на илјадници семејства.
„Владата на премиерот Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не само што не успеа да донесе нови странски инвестиции како што најавуваа, за жал се затвораат и тие кои што со години работеа тука кај нас. Веќе слушнавме дека две големи компании кои со години работеа во индустриските зони најавуваат ставање клуч на погоните во земјава. Компанијата Aptiv, која од 2016 година работи тука со 500 вработени, и Dura Automotive Systems која требаше да реализира тоа што веќе претходно го најави- нова инвестиција, но за жал сега не се случи. Значи нема проширување, нема места, оваа компанија најави стопирање на инвестицијата“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, со овој негативен тренд односно од досегашните отпуштања и оние кои се во најава до крајот на годината, за околу 30% ќе биде намален бројот на вработени во зоните со странски инвестиции.
„Ова е огромна бројка и огромна загуба на работни места. Ако на ова се додаде и тоа дека десетици компании од сферата на текстилната интуиција наши домашни компании се затвораат изминатите месеци, стигнуваме со бројка на илјадници луѓе, семејство на кои што им е загрозена егзистенцијата, кои се соочуваат со неизвесност“, рече Филипче.
Тој додаде дека секоја одговорна влада кога има ваков проблем мора да најде решение или барем предлог решенија за решавање на ваквите предизвици. „Но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави и никако не го адресира“, рече Филипче.







