Филков се сретна со граѓански организации за реформите во изборното законодавство

Министерот за правда Игор Филков оствари работна средба со претставници на независните граѓански иницијативи по нивно барање на која се разговараше за реформите во изборното законодавство.

На состанокот им беше посочено да достават конкретни предлози и сугестии за унапредување на изборното законодавство, кои ќе бидат разгледани од страна на работната група, што беше прифатено од страна на претставниците на независните граѓански иницијативи. Вратата за соработка не само што е отворена, туку активно се поттикнува.

„Министерството за правда континуирано спроведува консултации со сите засегнати страни. Во изминатиот период беа одржани повеќе работни средби со институции како Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а веќе е закажана и средба со Државната комисија за спречување и борба против корупцијата. Сите предлози од овие институции се доставуваат до работната група и се предмет на разгледување. Процесот е транспарентен, инклузивен и отворен за сите релевантни чинители. Работната група за реформи во изборното законодавство работи интензивно и во неа се вклучени претставници на сите парламентарни политички партии и независни пратеници, со цел да се обезбеди политички легитимитет и широка застапеност во креирањето на законските решенија. Се разгледуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои имаат за цел да обезбедат фер, транспарентен и кредибилен изборен процес“, соопшти Министерството за правда.

Scroll to Top