Холандскиот лавиринт, едно од омилените места за игра на најмладите во Скопје добива нов изглед.
По повод Денот на Кралот, Амбасадата на Холандија, Град Скопје и нивните партнери ја разубавија оваа популарна локација која првично беше отворена во 2009 година.
Како дел од Портокаловиот ден во Градскиот парк Скопје беа засадени 150 нови грмушки донирани од Еуропеан плантс, а беше поставена и скулптура на холандски кломпи изработена од учениците од средното уметничко училиште Лазар Личеноски.

Невладината организација „Биди зелен“ организираше натпревар за најдобро декориран велосипед, разменотека и многу забавни активности за деца, со кои засадија 800 садници цвеќе.
Амбасадорката Узлем Џанел изрази надеж дека холандскиот парк ќе продолжи да биде симбол на долгогодишното пријателство и соработка меѓу двете држави.
„Мотото на нашата амбасада е „Блескаме заедно“ и сѐ околку нас денес е сведоштво за тоа: средината околу нас може да биде позелена, посветла и посреќна доколку работиме на тоа заедно“ – изјави таа во своето обраќање.

Генералниот секретар на Град Скопје, Славе Трпески упати срдечни честитки од свое лично име и од името на граѓаните на Скопје по повод роденденот на Кралот Вилем Александар:
„Македонско-холандското пријателство е докажано во многу наврати досега, со многубројни реализирани проекти за доброто на граѓаните, а тоа го покажуваме и денеска. Со нашата акција, Холандскиот лавиринт доби нов изглед, на задоволство на сите посетители“ – истакна тој.

Дарко Арсовски Петровски од „Биди зелен“ ја потенцираше важноста на живеењето во склад со природата.
„Со разменотеката им даваме нов живот на користените производи, додека купоните за бесплатни пијалоци ги мотивираа присутните да користат свои чаши и со тоа да ја намалат количината на пластика за еднократна употреба. Целта на Портокаловиот ден е да ги поврземе заедницата, креативноста и грижата за животната средина преку активности што се забавни, едукативни и одржливи“ – рече тој.







