Херојска реакција на полицајци од СВР Велес: Спречиле поголема штета при пожар во автомобил и добија јавна благодарност

Жителка на Велес јавно им се заблагодари на двајца полициски службеници од СВР Велес кои, како што наведува, несебично ѝ помогнале при гаснење пожар во нејзиниот автомобил.

Во објава на социјалните мрежи, Марија Новакова посочува дека благодарение на нивната брза реакција, смиреност и професионалност била спречена поголема материјална штета.

„Сакам да изразам јавна благодарност до двајца полициски службеници од СВР Велес кои несебично ми помогнаа при гаснење на пожар во мојот автомобил. Благодарение на нивната брза реакција, смиреност и професионализам спречија поголема штета. Денес во нив видов вистински пример за несебична посветеност“, напиша таа.

На нејзината објава возврати началникот на СВР Велес, Трајче Мехалов, кој ѝ се заблагодари за убавите зборови и јавно изразената благодарност.

„Нашата должност е секогаш да им помагаме на граѓаните кога е најпотребно, а вашата благодарност ни претставува голема чест и мотив да продолжиме посветено да ја извршуваме нашата работа“, наведува Мехалов.

Тој додава дека му е драго што со брзата реакција било спречено настанување на поголема штета и што случајот завршил без посериозни последици.

Scroll to Top