Во Изложбениот салон на Музејот на град Скопје, на 5 септември (сабота), во 20 часот, ќе биде отворена истражувачката изложба Циклус: „Бежанци“ од Борко Лазески (1917–1993), која пред јавноста претставува значаен, но досега недоволно проучен сегмент од творештвото на еден од значајните претставници на македонската модерна уметност.
Изложбата и придружната публикација се дел од поширокиот и континуиран процес на истражување, документирање и повторно вреднување на богатиот и повеќеслоен опус на Лазески. Во фокусот овојпат е циклусот „Бежанци“, создаван во неговиот париски период и инспириран од егзодусот на македонското население од Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција. Преку мотивите на прогонството, разделбата, загубата и напуштањето на домот, Лазески го преобразува конкретното историско искуство во силен ликовен исказ за човечкото страдање, војната и раселувањето.
Циклусот зазема специфично место и во поширокиот контекст на македонската ликовна уметност. За разлика од литературата и филмот, каде што темите на егзодусот и судбината на Македонците од Егејска Македонија се значително поприсутни, во модерната македонска ликовна уметност тие се обработувани релативно ретко. Токму затоа делата на Лазески посветени на бегалците претставуваат важен визуелен документ и уметничко сведоштво за едно трауматично историско искуство.

Циклусот опфаќа дваесетина дела, најголем дел изведени на хартија, како и монументални реализации и подготвителни студии. Меѓу нив е и фреската „Бежанци“, создадена во Париз во 1946 година, која денес е уништена, но е документирана преку зачувани фотографии. Дел од корпусот е и сликата „Бежанци“, која се наоѓа во колекцијата на Националната галерија. Истражувањето укажува и на постоење дела и студии кои денес се загубени или сè уште не се познати.
Посебна вредност на изложбата е можноста повеќето зачувани дела, скици, подготвителни цртежи и архивски материјали да бидат согледани како делови од една творечка целина. Нивното заедничко претставување овозможува да се проследи начинот на кој Лазески постепено ја развивал композицијата – од првичниот цртеж и студиите на одделни фигури до комплексните и експресивни решенија во кои издолжените тела, нагласените контури и геометризираните форми го носат чувството на движење, страв, болка и исцрпеност.
Истражувањето и стручно-научната обработка на циклусот ги реализира проф. д-р Кирил Пенушлиски, а публикацијата што ја придружува изложбата претставува документ за досегашните сознанија и основа за понатамошно проучување на творештвото на Борко Лазески.
Изложбата ја организира Асоцијацијата за култура ИКОН – Скопје, во соработка со ЈУ Музеј на град Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Отворањето е на 5 септември 2026 година во Изложбениот салон на Музејот на град Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 18 септември 2026 година.







