Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“

Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.

Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.

Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.

Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.

Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.

Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.

Фото: ЕПА

Scroll to Top