Четири награди за НУ Турски театар – Скопје на Интернационалниот театарски фестивал Dyrrachium во Драч

Претставата „Слепци“ на НУ Турскиот театар – Скопје освои дури четири фестивалски признанија на првото издание на Интернационалниот театарски фестивал Dyrrachium во Драч, Албанија. (15-25 Септември 2026)

Главната награда на фестивалот – за Најдобар ансамбл – му припадна на актерскиот ансамбл на НУ Турски театар за целокупната актерска изведба во претставата „Слепци“. Претставата ја освои и наградата за Најдобра претстава, додека Ќендрим Ријани беше награден за Најдобар режисер. Посебно признание од жири-комисијата ѝ беше доделено на актерката Сузан Акбелге.

„Слепци“ е сценски спој инспириран од делото „Слепци“ на Морис Метерлинк и книгата „Погубни идентитети“ на Амин Малуф. Преку приказната за единаесет ликови кои се обидуваат да го најдат патот назад, претставата отвора прашања за идентитетот, припадноста, различностите и човековата потреба да го пронајде своето место во светот.

Четирите признанија од Драч се значајно меѓународно признание за актерскиот ансамбл и авторскиот тим на „Слепци“, како и за уметничката работа на НУ Турскиот театар – Скопје.

Минатата година, претставата „Слепци“ се здоби со четири награди и на МТФ Војдан Чернодрински. Претставата ја доби највисоката оцена (5.00) од публиката, Ќендрим Ријани доби награда за најдобра режија, Слаѓана Вујошевиќ беше наградена за најдобра млада актерка, а Медина Хоџа за најдобар рекламен материјал за претставата.

Публиката ќе има можност повторно да ја погледне „Слепци“ на 1 октомври во 20:00 часот, на Малата сцена во Театар Комедија. Претставата се игра на македонски, турски, албански и англиски јазик, со превод на македонски јазик.

Scroll to Top