„Чичко, прскај нè оти така полесно дишеме“: Николов со потресно сведочење за трагедијата во„Пулс“

На денешното судско рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, сведокот Дејан Николов, сопственик на автосервис во близина на дискотеката, во детали раскажуваше што се случувало вечерта кога се запалил објектот.

Како што раскажа, тој, заедно со неговиот син и негови другари, вечерта биле гости во „Пулс“.

„Таму беше Деко, Дејан Јованов (сопственик на „Пулс“). Тој се изненади кога ме виде оти долго време немав појдено во дискотеката. Не поминаа неколку минути, дојде детето и ми кажа каде е со другарите. Му реков да оди таму, а дека јас ќе останам кај шанкот”, кажа Николов.

На барање на негов пријател подоцна решиле да одат на цигара, надвор од клубот. Дошол и неговиот син, кој сакал да го запознае со девојката. Додека биле таму и се шегувале, во еден момент излегол еден од другарите, кој покажал видеоснимка и кажал: „Дискотеката се запали“.

Тогаш почнале да излегуваат повеќе луѓе и почнале да се слушаат чудни звуци однатре. Николов кажа дека децата биле многу вознемирени и тој ги повел со себе кон неговиот објект. Имало 15 до 20 деца.

„Видов тенок чад и слушнав чудни звуци како доаѓаат од внатре. Децата беа вознемирени, забележав како да снема струја и тогаш настанаа големи викотници. Потоа почна да излегува чад од предниот дел на објектот. И забележав дека од задниот дел кај женското веце излегува црн чад“,

Како што појасни на прозорецот од тоалетот имало решетки, од каде слушнал гласови.

Раскажа како ги скршиле прозорците и на решетките виделе девојчиња како се држат и плачат, а дел од нив мавтале со мобилните телефони со вклучени светилки.

„Јас се обидов да ги смирам. Им велев дека брзо ќе дојдат пожарникарите. Со мене беше син ми, кој викаше: Тато, те молам спаси ги. Девојчињата велеа, чичко, прскај нè оти така полесно дишеме. Слушнав дека мајка комуницира со едно од девојчињата“, кажа Николов.

Објасни дека потоа пожарникарите, дошле многу брзо и со нив се координирал околу помошта во гасењето. Цревото му го дал на пожарникарот, а тој со децата пошол кон неговиот сервис, преку северната страна од дискотеката. Тогаш рече оти забележал дека помошната врата од „Пулс“ не е отворена. Со синот тргнале кон неговиот автомобил за да одат по клучот од сервисот, а потоа се вратиле назад и зеле и ставиле маски. Тогаш слушнале како почнал да пука покривот и врз нив да паѓаат парчиња од него. Му рекол на синот да го отвори објектот (сервисот) за да земе брусилка за да ги исече решетките од вецето на „Пулс“.

Истовремено слушал некаков звук, но во целата ситуација не знаел за што станува збор. Потоа забележал дека пожарникарите донеле агрегат и ги исекле решетките.

„Син ми донесе маски со графитно полнење, кои ги користиме во нашата работа. Со маските останавме до 5:30 часот и тие маски нè спасија за да немаме повреди. Го прашав пожарникарот што се случува, ми рече дека направиле коридор преку кој вадат луѓе од дискотеката, а мене ми рече да продолжам да прскам со вода. Син ми одвреме-навреме ми велеше дека има повредени деца. Едно дете седеше целото со изгореници. Излегуваше чад од него. Сакав да прскам кон него, но ми текна дека на изгореници не треба да се става вода. Му дадоа да се напие вода“, раскажа Николов.

Дотогаш мислел дека има само повредени.

„Тоа беше до околу 5:30 часот. Тогаш син ми ми кажа, тато, изгледа има жртви, има тела. Јас го фатив за рака и го тргнав. Тогаш видов три тела. Мислев само како да ги однесам децата дома“,

Објасни дека било тешко луѓето во дискотеката да се разминуваат, а освен на двата паркинга, возила биле паркирани и на улиците а во објектот критичната вечер имало малолетници.

Сведокот раскажа дека пред да почне пожарот додека биле надвор, дошла полиција околу два часот. Имало седум-осум униформирани полицајци, а рече дека доколку имало и во цивил, не можел да ги препознае.

На прашањето на обвинителот Владимир Милошевски дали некогаш го прашал Дејан Јованов-Деко зошто помошната врата била затворена, рече дека тоа го направил еднаш одамна, а одговорот што го добил бил дека тоа е за да не влегуваат луѓе без билет.

Николов рече и дека објектот каде што се наоѓал „Пулс“ претходно бил магацин за чанти, а пред тоа текстилна конфекција.

Појасни дека сопственикот Јованов го зел под закуп во 2012 година по што почнал со внатрешна реконструкција.

Го опиша и изгледот на објектот одвнатре, од тоа што го видел кога наминувал на кратко.

Дел од адвокатите од одбраната рекоа дека сведокот нема соодветно образование за да зборува за реновирањето на објектот.

Судијката Диана Груевска-Илиевска најави дека следното рочиште е закажано за 29 декември.

Scroll to Top