Ѓорѓиевски-Лосон: во фокусот стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари средба со британскиот амбасадор во Република Македонија, Метју Лосон, како и со делегација од Обединетото Кралство, на која беа разгледани можностите за унапредување на соработката меѓу Скопје и Обединетото Кралство.

На средбата се разговараше за развојните планови и стратешките приоритети на Град Скопје, со посебен акцент на образованието, културата, локалниот економски развој и креативните индустрии, како и за потенцијалната поддршка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата 2028“.

„Во рамките на средбата го запознав амбасадорот Лосон со програмата и плановите за развој на Скопје, кои се темелат на јасна визија, конкретна стратегија и долгорочни, одржливи политики, насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

Разговаравме и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката преку заедничка реализација на проекти, програми и активности од заемен интерес, со посебен акцент на образованието и културата, како и преку размена на позитивни искуства и успешни практики во областа на локалниот економски развој и креативните индустрии.

На работниот состанок, беше отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на активностите поврзани со проектот „Европска престолнина на културата 2028“, вклучително и неговата меѓународна промоција и вмрежување со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.

Scroll to Top