Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари работна средба со проектантите на БРТ (Bus Rapid Transit) системот, на која детално беа презентирани решенијата, намената и техничките аспекти на проектот. На средбата се разговараше за трасите, начинот на функционирање, како и за придобивките што овој систем ќе ги донесе за градот и граѓаните.
По средбата, градоначалникот најави воведување на брз, модерен и целосно еколошки автобуски превоз, кој ќе претставува значаен исчекор кон унапредување на јавниот транспорт во Скопје.

БРТ системот е замислен како „метро на тркала“, со посебни сообраќајни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што, според градоначалникот, ќе овозможи побрз, посигурен и предвидлив превоз.
Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток–Запад и Север–Југ, воведување на современи нископодни автобуси на CNG/хибриден погон, како и поставување на паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот.
Особено беше нагласено дека трасата на БРТ нема да поминува низ средишното зеленило, со што се заштитуваат важни природни ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот. Наместо тоа, системот ќе се движи по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се предвиди ново зеленило како природна бариера.
„Со реализацијата на овој проект се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, скратување на времето на патување и намалување на загадувањето. БРТ претставува стратешка инвестиција во иднината на Скопје и чекор кон достигнување европски стандарди во јавниот превоз и урбаното живеење“, рече Ѓорѓиевски.







