Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање.
Целта на истата е на најтранпарентен начин со стручната јавност да се продискутираат предложените измени и дополнувања, велат од министерството.
Предложените измени во Правилникот за урбанистичко планирање имаат за цел да го поттикнат развојот на туризмот, енергетскиот и здравствениот сектор, преку создавање на услови за нови инвестиции, за поефикасно планирање и искористување на просторот.
„Имајќи предвид дека туристичкиот сектор веќе бележи позитивни трендови, преку предложените измени се предвидува можност за стимулирање на изградба на големи хотелски комплекси вон градови, исто така и надвор од заштитени подрачја, надвор од национални паркови, надвор од заштитената зона на Охридскиот регион поврзана со заштитата од УНЕСКО, со што директно се поддржува растот на туризмот и привлекувањето нови туристи во државата, а дополнително се придонесува за отворање на нови работни места.
Со цел да се обезбеди целосна транспаретност и вклученост на јавноста во процесот на носење на одлуки, при носењето на сите планови ќе се спроведуваат јавни презентации. Одржувањето на денешната стручна јавна расправа по однос на донесувањето на измените на конкретниот Правилник е јасен показател за заложбата и отвореноста на Министерството за транспорт за унапредување на регулативата и вклучување на сите засегнати страни“.
Исто така измените на Правилникот за урбанистичко планирање опфаќаат и можност за урбанизација на објекти од областа на терцијарното здравство, како и изградба на батериски системи, кои се од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор.
Министерството за транспорт со своите политики останува посветено на создавање на одржливи решенија кои создаваат баланс меѓу економскиот развој и јавниот интерес на граѓаните.







