ЈСП воведува дигитална студентска картичка за бесплатен јавен превоз

ЈСП Скопје, со поддршка од Град Скопје и во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, започнува со воведување дигитална студентска превозна картичка за користење на бесплатниот јавен превоз.

Новото решение ќе се имплементира за студентите на државните универзитети во Скопје, вклучително и Универзитетот „Мајка Тереза“.

Процесот ќе се одвива целосно дигитално, преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите, поради што студентите нема да треба да доставуваат хартиени потврди или да ги посетуваат билетарите за заверка на студентскиот статус.

Студентите ќе добијат упатства на својата електронска адреса, а дигиталната превозна картичка ќе можат да ја активираат и користат преку мобилната апликација SkopjeBus.

При најавувањето во апликацијата ќе треба да ја користат истата e-mail адреса со која се регистрирани на универзитетот.

Картичката ќе биде достапна во апликацијата во форма на QR-код, кој ќе се користи за валидација при патување.

Од ЈСП најавуваат дека студентите дополнително и навремено ќе бидат информирани за начинот на активирање и користење на дигиталната картичка.

Scroll to Top