Љутков: „Агромак 2026“ ја зацврстува врската меѓу туризмот и агробизнисот

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на отворањето на Втората меѓународна научна агробизнис конференција „Агромак 2026“, при што ја истакна важноста од поврзувањето на науката, институциите и бизнис-заедницата во насока на одржлив развој на туризмот и руралните средини.

Во своето обраќање, министерот нагласи дека Министерството активно работи на унапредување и диверзификација на туристичката понуда, со посебен фокус на руралниот туризам, агротуризмот и одржливите практики. Притоа, ја потенцираше и подготовката на новата Национална стратегија за туризам, која ќе овозможи долгорочно планирање и зголемување на конкурентноста на земјата како туристичка дестинација.

– Конференцијата „Агромак 2026“ ја потврдува улогата на Министерството за култура и туризам како активен поддржувач на секторите што директно придонесуваат за одржлив развој на туризмот, културното наследство и руралните заедници – истакна министерот.

Тој додаде дека токму преку вакви настани се создаваат услови за иновации, размена на знаења и градење партнерства што имаат реално влијание врз развојот на терен.

Министерот се осврна и на значењето на руралниот туризам како двигател на социоекономскиот развој, нагласувајќи дека тој придонесува за зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот начин на живот. Во таа смисла, гастрономскиот туризам и локалните производи, според него, добиваат сè поголемо значење во зајакнувањето на локалната економија.

Во обраќањето, Љутков ја истакна и улогата на младите, образованието и иновациите во развојот на агросекторот, како и потребата од справување со климатските предизвици преку одржливи и отпорни модели за развој.

На крајот, министерот посака успешна конференција, плодна размена на идеи, нови партнерства и конкретни иницијативи што ќе придонесат за понатамошен развој на агробизнисот и туризмот.

Scroll to Top