Љутков: Со 25 милиони денари, целосно реконструиран Спомен-домот на Разловечкото востание и поставена нова музејска поставка

„Македонија предолго живееше со страв да не навреди некого ако се сака себеси“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание во с. Разловци.

На свеченоста по повод јубилејот, министерот истакна дека Разловци претставува „највисок пантеон на македонскиот опстој“ и симбол на непокорот што, како што рече, „никој не успеал да го замолчи“.

Во своето обраќање, нагласи дека Разловечкото востание од 1876 година е еден од темелите на македонската борба за слобода и државност, оценувајќи дека токму овде „македонскиот народ го разгорел жарот што подоцна прераснал во силен ослободителен бран низ цела Македонија“.

„Јунаците од Разловци не ја победија Империјата, но ја победија тишината, а тишината е најстрашната форма на ропство“, рече Љутков, додавајќи дека малите, на прв поглед „неуспешни“ востанија, се искрите од кои се раѓаат големите слободи.

Љутков додаде дека Министерството за култура и туризам издвои околу 25 милиони денари за целосна реконструкција на Спомен-домот на Разловечкото востание, а е изработена и комплетно нова историска поставка, која преку фотографии и артефакти ја раскажува приказната за Востанието. Тој додаде дека сето ова е особено значајно за зачувување на историската меморија затоа што, како што нагласи: „секој обновен споменик, секоја зачувана приказна и секое спомнато име на разловечките јунаци претставува тивок, но моќен отпор против заборавот“.

Тој им оддаде почит на Димитар Поп Георгиев Беровски, Поп Стојан Карастоилов, Илија Марков-Дедо Иљо Малешевски, Никола Скрижовски и на сите познати и непознати учесници во Разловечкото востание, оценувајќи дека нивното дело ќе остане вечен извор на македонскиот непокор, достоинство и стремеж кон слободата.

Scroll to Top