ИФФК „Браќа Манаки“, првиот и најстар фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите, го најавува своето 47. издание, кое ќе се одржи во Битолa, од 19 до 25 септември 2026 година. „Подгответе се за многу незаборавни дружења со реномираните светски кинематографери и разговори за визуелните деликатеси на седмата уметност“, порачуваат организаторите.
Од своето основање во 1979 година, овој фестивал сведочи за уметноста на кинематографијата, славејќи ги пионерите на филмската камера од Балканот, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964) Манаки.
На 47. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во текот на седум дена, посетителите можат да очекуваат исклучителен избор на играни филмови, документарни филмови, кратки филмови и студентски филмови кои пленат, инспирираат и предизвикуваат.
Покрај извонредните пет натпреварувачки програми, фестивалот се гордее со својот Клуб на великаните.
Низ годините, плејада кинематографери од светски глас беа добитници на престижните награди. Лауреатите на Манаки се врвни мајстори на филмската фотографија, чии епохални остварувања ја разбранувале филмската индустрија. И годинава ќе бидат доделени наградите: Златна камера 300, Сребрена камера 300, Бронзена камера 300, Железна камера 300, Мала камера 300 и Кристална камера 300, како и почесните награди: Златна камера 300 за животно дело во кинематографијата, Специјална Златна камера 300 за извонреден придонес во светската кинематографија, Златна камера 300 за креативна синергија и Голема ѕвезда на македонскиот филм што ја доделува ДФРМ.







