8.000 денари еднократна финансиска помош за секое новороденче во општина Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров воведува зголемена финансиска поддршка за секое новородено дете. Од оваа година, секое семејство ќе добива 8.000 денари еднократна финансиска помош, како конкретна поддршка во најубавите, но и најодговорни моменти од родителството, велат од Општината.

Со оваа мерка, Општината испраќа јасна порака за посветеност кон семејството, децата и демографскиот развој, како и континуирана грижа за младите брачни парови кои ја градат својата иднина во Ѓорче Петров.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека оваа одлука е дел од пошироката визија за зајакнување на семејството како темел на локалната заедница:

„Секое новородено дете е нов почеток, надеж и наша заедничка одговорност. Со оваа зголемена финансиска поддршка испраќаме јасна порака дека стоиме зад младите семејства и дека инвестираме во животот од самиот почеток. Грижата за децата не е трошок, туку највредната инвестиција во иднината на нашата општина.“

Финансиската поддршка од 8.000 денари претставува директна помош за родителите, но и симбол на општинска политика насочена кон создавање сигурна, стабилна и охрабрувачка средина за раст, развој и достоинствено детство, додаваат од Општината.

Scroll to Top