Андоновски: Во октомври реализирани рекордни 20 милиони трансакции на платформата за интероперабилност

Октомври е најуспешен месец досега во однос на користењето на платформата за интероперабилност. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска соопшти дека се реализирани рекордни 20 милиони трансакции.
„За споредба, тоа значи дека се реализираат речиси 650.000 трансакции дневно, а во 2024 година имало приближно 700.000 трансакции месечно. Тоа значи дека денес достигнуваме број на трансакции што претходно се реализирале за цел месец. Овој раст се одразува и врз користењето на порталот за услуги. На порталот за е-услуги регистрирани се 30.040 услуги што е нов рекорд по 29 илјади регистрирани во септември. Во овие 30 илјади трансакции, предничат услугите достапни преку мобилната апликација m.Uslugi. “- изјави Андоновски пред 9. издание на регионалната конференција за е-трговија, што се одржува во Скопје.
Оваа недела министерот очекува да се пушти и втората верзија на апликацијата со дополнителни подобрувања.

„Ова е само почеток. Јас и при самото лансирање реков дека станува збор за нов почеток на односот меѓу државата и граѓанинот. Ме радува што повеќе од 30.000 наши сограѓани веќе ја препознаа апликацијата и се нејзини корисници. Тоа се одразува и врз зголеменото користење на порталот. Очекувам дека во наредниот период, со воведувањето нови услуги и поширокото прифаќање на апликацијата, таа ќе заземе значајно место во односот меѓу државата и граѓанинот“ – потенцира Андоновски.
За посетата на Бон, каде што беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот денеска изјави дека најголем дел од разговорите се однесувале на дигиталната трансформација и имале можност да се запознаат со искуствата на „Дојче телеком“, особено во областа на сајбер-безбедноста.
„Тие располагаат со центар за сајбер-безбедност, кој ги опслужува компаниите во рамките на групацијата, но и други клиенти во Европа и светот. Правиме напори за да привлечеме вакви инвестиции и во Македонија. Знаете дека државата има удел во „Македонски телеком“, а целта е да видиме како ваквите инвестиции и знаења можеме да ги пренесеме и кај нас. Сакаме да создадеме нови компании што ќе се занимаваат со сајбер-безбедност и да им помогнеме на малите и средните претпријатија, вклучително и на учесниците на оваа конференција, да ги зајакнат своите капацитети во процесот на дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени“ – изјави Андоновски.


