„Да не ти упаѓаат дома на проверка дали си навистина болен и да создадат предуслови за наталитет наместо да држат лекции за братче и сестриче“: денес во Собранието два предлога на Левица

„Денес пред Собранието се два предлог-закони поднесени од Левица кои отвораат две суштински прашања за животот на граѓаните: заштитата на работниците од најавените домашни контроли на боледувањата и државна поддршка за младите семејства при решавањето на станбеното прашање. Двете иницијативи доаѓаат во период кога Владата на ДПМНЕ посегна по надзор врз болните работници, додека премиерот Мицкоски демографската криза ја објаснува со потребата од промена на менталитетот на младите“, велат од партијата Левица.
„Наместо да ја подобрува здравствената заштита и условите за работа, власта посегна по кратење на боледување што самостојно го одобрува матичниот лекар од седум на пет дена, и тоа преку измена на подзаконски правилник! Дополнително, Фондот за здравствено осигурување најави контролори кои би тропале по домовите за да проверат дали болниот работник навистина се наоѓа таму, а во целата оваа приказна се вклучи и министерот за внатрешни работи, Тошковски, со најави за полициска соработка при откривањето. Така, наместо боледувањето да остане пред сè медицинско прашање, власта отвори простор за негово третирање како безбедносен проблем.
Во држава во која работникот неретко се плаши да побара и слободен ден, ДПМНЕ отвора можност болниот човек дополнително да се правда зошто не е на работа!
Левица предлага седумте дена боледување што самостојно ги утврдува матичниот лекар да бидат законски заштитени од кратење со подзаконски акти и фрустрации на министри, а теренските проверки во домовите изрично да се забранат.
Од друга страна, демографската криза за Владата на ДПМНЕ стана повод за морализирање кон младите, наместо за сериозна расправа за нивната економска положба. Мицкоски најавуваше даноци за ергени, зборуваше дека проблемот не бил само во финансиите, туку и во желбата и менталитетот, а демографската политика ја поврзуваше со промена на читанките од „јас, мама и тато“ во „јас, мама, тато, бато и дада“. Наместо вакви симболични пораки, потребни се мерки што реално ќе ги намалат трошоците и неизвесноста со кои се соочуваат младите.
Во првата половина од 2026 година, дури 65 од вкупно 80 општини имаат негативен природен прираст! Само за шест месеци, во целата држава бројот на починати го надминал бројот на новородени за 2.967 лица.
Не може на млад човек кој нема решено станбено прашање да му се држат лекции за проширување на семејството, без притоа да му се понуди реална помош! Не може семејството да се прогласува за највисока вредност, а неговото создавање да биде условено со децениско задолжување и економска несигурност. Државата има обврска да создава услови во кои родителството нема да значи дополнителен ризик од сиромаштија, а сопствениот дом нема да биде недостижен луксуз.
Затоа Левица предлага за секое родено или посвоено дете државата да отпишува 20% од првично одобрената главнина на станбениот кредит за прв дом, со вкупна поддршка до 100.000 евра.
На Македонија не ѝ треба власт што дополнително ќе ги тормози болните работници, а на младите ќе им брои колку деца треба да имаат. Ѝ треба држава што ќе го штити работникот кога е најранлив и ќе му помогне на семејството кога гради иднина.
Оттука, апелираме до парламентарното мнозинство да ги остави настрана партиските суети, политичкиот инает и практиката на автоматско отфрлање на секој предлог што не доаѓа од нивните редови. Бараме суштинска собраниска дебата, аргументирана расправа и подготвеност за прифаќање решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните“, соопштуваат од партијата Левица.
