Вторник, 3 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

„ДПМНЕ и Славески им одредија џепарлак на граѓаните од нивните сопствени пари во АЛТА банка“, велат од Левица

„Додека гувернерот Трајко Славески ја уверува јавноста дека АЛТА банка Битола е ликвидна и високо капитализирана, илјадници граѓани се соочуваат со ограничен пристап до сопствените пари. Со одлука на Народната банка, на физичките лица им е наметнат неделен лимит од 10.000 денари, експозитурите се затворени, а електронското банкарство е недостапно!“, велат од партијата Левица.

„Славески пресметал дека 10.000 денари неделно се доволни за секојдневните потреби, но очигледно во неговата математика нема место за кирија, лекување, рати, сметки и непредвидени трошоци.

Дополнително, за апсурдот да биде поголем, обврските кон самата банка се изземени од лимитот. Односно, кога граѓанинот ѝ должи на банката, мора да плати, а кога банката располага со неговите пари, граѓанинот мора да чека.

Оваа состојба отвора сериозно прашање за пропорционалноста на мерките и одговорноста на институциите. Во септември 2025 година беше одобрено преземањето на Стопанска банка Битола од српската АЛТА банка, а само нешто повеќе од една година подоцна, на српскиот сопственик му е одземена дозволата за работа. Народната банка, како институција надлежна за банкарскиот надзор, има обврска да објасни какви проверки биле направени при влезот на инвеститорот, какви информации биле разменувани со српскиот регулатор и кога биле препознаени ризиците.

Ужасно е што ограничувањето најтешко ги погодува обичните луѓе, особено пензионерите кои денес чекаат пред затворени експозитури. За функционерите од ДПМНЕ 10.000 денари можеби се статистичка категорија, но за едно семејство тоа се храна, лекови, струја и покрив над глава!

Иритантен е фактот што Славевски не чувствува никаква одговорност да докаже дека избрал неопходна и најмалку рестриктивна мерка. Заштитата на банкарскиот систем не смее да се сведе на административно ограничување на животните потреби на граѓаните.

Парите на граѓаните се нивна сопственост, а не инструмент за покривање на ризиците што институциите биле должни да ги контролираат!“, соопштуваат од партијата Левица.

Поврзани вести