Две безживотни тела пронајдени во Богданци, едното во опожарено возило

Две безживотни тела се пронајдени вчера попладне во Богданци, од кои едното во опожарено возило, а другото во негова непосредна близина, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, на 3 ноември, околу 18:40 часот, жител на Богданци пријавил дека на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село, забележал опожарено паркирано патничко возило, во чија близина имало безживотно тело.
Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот, каде што било утврдено дека станува збор за 21-годишниот В.Г. од Богданци. Смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија.
По локализирањето на пожарот од страна на противпожарната бригада, во внатрешноста на возилото било забележано уште едно опожарено безживотно тело.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а на местото бил извршен увид. По наредба на обвинител, двете тела се предадени на обдукција за утврдување на идентитетот и причините за смртта.
Полицијата презема мерки за утврдување на сите околности и целосно расчистување на случајот.


