ЛДП: Безобразие без граници за Кривичниот законик, за СЕПА може експресно а за криминалот на функционерите ќе се чека Брисел

Институционалната манипулација и бегството од правда на оваа власт достигнуваат ниво на невиден срам и безобразие! Уште од 20 октомври Либерално-демократската партија (ЛДП) јавно алармираше дека Владата го испратила текстот на новиот Кривичен законик во Брисел само за да купува време додека предметите за висока корупција застаруваат. Три недели подоцна, откако пристигна катастрофалниот Извештај на Европската комисија кој нотираше тотален дебакл во однос на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, власта се уште безочно ја продава истата бајата приказна дека закните ги шетале по странски ходници, реагираат од ЛДП.
Според партијата, кога станува збор за измени за СЕПА, пратеникот Антонијо Милошоски експресно бара Собранието, по скратена постапка да гласа измени во истиот тој Кривичен Законик.
Прашуваат како може тоа за СЕПА веднаш и по брза лента, а за кривичната одговорност, местењето тендери и злоупотребата на службената положба на функционерите „мора да се чека Брисел?“.
Ова, оценуваат од партијата, претставува запечатување на залагањата за неказнивост, грабање и отворен амин за криминал.
„Со гласањето за намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, фактички си изгласаа амнестија, а кога ЛДП предложи амандмани за итно враќање на построгите санкции за тие дела, експресно ги одбија“.
Прашуваат, дали власта навистина мисли дека граѓаните се толку слепи.
„Дали власта не гледа како завршија сите автократи и режими кои се однесуваат како господари на правото и за кои не важеа законите?
Додека во Македонија царуваат неправдата и заштитениот криминал, Предлог – законите кои владата три недели ги шета по Европа не се достапни за увид на македонските граѓани и стручната јавност. Бараме текстовите на предлозите доставени до Брисел веднаш јавно да се објават, а предлозите за измени кои се однесуваат на кривичната одговорност за корупција на функционерите, да влезат во Собранието по најитна постапка, уште денес“, изјави Илија Чилиманов, адвокат и член на Извршниот одбор на ЛДП.
ЛДП бара итно запирање на овие, како што ги нарекуваат, евтини ПР – маскаради.
„Престанете да се криете зад Брисел и изговор за застареност – вратете ги строгите казни за функционерите веднаш, за криминалот конечно да добие име, презиме и затворска казна“.


