Мојсоска: Мултиполарноста како реална шанса за суверена политика на Македонија

Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, имаше обраќање на „Форумот за размена меѓу законодавци“, организиран од Народната асоцијација на Кина за пријателство со други држави [Chinese People’s Association for Friendship with Foreign Countries]. Таа истакна дека појавата на мултиполарен светски поредок отвора историска можност за државите во развој да излезат од позицијата на економска периферија и да изградат сопствен, суверен развоен пат.
Мојсоска посочи дека Македонија, и покрај формалната политичка независност, останува заробена во модел на економска зависност, обележан со одлив на работна сила, зависност од странски инвестиции и технологии и недоволно развиено домашно производство. Наместо да создава сопствени производствени капацитети, државата извезува работници, а увезува производи со висока додадена вредност, продлабочувајќи ја сопствената периферна положба во европската економија.

„Нашиот суштински предизвик е економска сувереност, која е темел на политичката сувереност“, нагласи Мојсоска, посочувајќи дека моделот во кој странскиот капитал се претставува како единствен двигател на развојот, а домашната економија само како евтин извор на работна сила, не може да обезбеди вистинска економска независност.

Пратеничката истакна дека мултиполарноста создава простор за надминување на досегашните односи на зависност и за воспоставување порамноправна меѓународна соработка. Притоа, соработката со земји што го ставаат правото на развој во преден план, вклучително и Кина, може да отвори можности за зајакнување на домашните капацитети, наместо создавање изолирани проекти без долгорочен ефект врз економијата.

„Мултиполарноста не смее да остане само промена во распределбата на глобалната моќ. Таа мора да значи и промена во економските односи – малите држави да престанат да бидат само пазари за туѓи производи и извори на евтина работна сила, туку да станат производители, иноватори и рамноправни партнери“, порача Мојсоска.


