Општина Аеродром: Јавен повик за граѓанските организации

Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за граѓанските организации во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата, како што е соопштено, претставува продолжение на партнерството меѓу Европската Унија и УНДП, надоврзувајќи се на претходните иницијативи ReLOaD1 и ReLOaD2, спроведени во периодот од 2017 до 2024 година.ReLOaD3 програмата ќе трае до јануари 2029 и има цел јакнење на партнерствата меѓу општинските власти и граѓанскиот сектор.
Проектните предлози треба да опфатат четири приоритетни области:
· Заштита на животната средина и одржлив развој;
· Млади, дигитална трансформација и иновации;
· Здравје, превенција и здрави животни навики;
· Социјална инклузија и поддршка за ранливите групи и лицата со попреченост.
Финансиската поддршка е предвидена во три категории:
· ЛОТ 1: од 150.000 до 307.000 денари;
· ЛОТ 2: од 307.001 до 615.000 денари;
· ЛОТ 3: од 615.001 до 1.537.000 денари.
Право на учество имаат сите формално регистрирани граѓански организации согласно со Законот за здруженија и фондации.
Јавниот повик, според соопштеното, ќе биде отворен од 10 ноември до 8 декември 2026 година, до 15:00 часот.
„Комплетната документација и насоките за аплицирање се достапни на веб-страниците на Општина Аеродром (https://aerodrom.gov.mk) и на УНДП (https://www.undp.org/north-macedonia).
Заинтересираните организации ќе имаат можност да присуствуваат на инфосесија и еднодневна обука на 12 ноември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, во салата на Советот на Општина Аеродром. Предвидена е и дополнителна менторска поддршка.
Апликациите се доставуваат во електронска форма на USB, во запечатен плик, лично или по препорачана пошта, на адресата: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ бр. 109 Б, 1000 Скопје, со назнака: „Да не се отвора пред официјалното отворање“.
Подносителите на пријава задолжително треба да достават важечка потврда/решение за регистрација на организацијата во земјата (за носителот на проектот и евентуални партнери), кој е задолжителен документ.
За дополнителни информации, граѓанските организации може да се обратат на [email protected], со назнака „ReLOaD3“, најдоцна до 3 декември 2026 година.
Општина Аеродром ги повикува граѓанските организации да ја искористат оваа можност, да ги претстават своите идеи и да понудат конкретни решенија за развој на општината и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“.


