Oдржана манифестацијата „Миладиновско слово“ во Струга

Во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, денес се одржа традиционалната манифестација „Миладиновско слово“, организирана од Фондацијата „Браќа Миладиновци“. Настанот годинава беше посветен на јубилејните 215 години од раѓањето на Димитрија Миладинов и 195 години од раѓањето на Константин Миладинов.

Свечената програма започна со поетско-музички рецитал за делото на Димитар Миладинов, кој беше изведен од Христијан Миладинов. По него следуваа рецитали на повеќе песни од Константин Миладинов, интерпретирани од млади рецитатори и учесници на конкурсот.

Манифестацијата официјално ја отвори претседателот на Фондацијата „Браќа Миладиновци“, Ристе Миладинов, кој во својот говор истакна дека зачувувањето на делото на Миладиновци претставува силен столб на македонската книжевна и културна традиција.

Главната награда „Миладиновско слово“ годинава ѝ беше доделена на хрватскиот поет Дамир Марас, за неговиот поетски придонес и учество со творба инспирирана од Миладиновото наследство.

Признанието за ,,Македонски автор на годината” му припадна на Мирко Томоски, додека наградата „Млад автор на годината“ ја доби Мила Бојческа, која настапи и со свое авторско читање.

Во рамките на чествувањето беше промовирана и новата збирка песни создадена по повод распишаниот конкурс, со посвета на Миладиновци и нивното непрекинато влијание врз македонската и словенската книжевност.

Настанот заврши со поетско дружење и оддавање почит кон богатото културно наследство што го оставија браќата Димитрија и Константин Миладинов.

Scroll to Top