(Видео) ДИК: Излезноста во Брвеница до 15 часот е 31,17 отсто, поднесени седум приговори

Излезноста на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 15 часот изнесува 31,17 отсто, а своето право на глас го оствариле 5.064 граѓани запишани во избирачкиот список, информираше портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска Алексовска.
Според податоците од сите 24 избирачки места во општината, гласањето се одвива непречено, без забележани потешкотии, соопшти Тодоровска Алексовска на прес-конференција.
Во споредба со првиот круг од локалните избори во 2025 година, излезноста до 15 часот е зголемена за 0,62 процентни поени. На истиот пресек на претходните локални избори гласале 4.932 избирачи, односно 30,55 отсто од запишаните гласачи.
Тодоровска Алексовска информираше и за приговорите за заштита на личното избирачко право. До моментот на прес-конференцијата биле поднесени вкупно седум приговори, од кои два се усвоени, по што на избирачите им била овозможена можност да го остварат своето право на глас.
Еден приговор бил одбиен како неоснован, додека останатите четири биле во фаза на обработка.
Од ДИК најавија дека следното информирање за текот на гласањето и излезноста ќе биде во 18:30 часот, со податоци од пресекот направен до 18 часот.




