Четврток, 29 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

(Видео) Кузеска: Падна Орбан, падна Вучиќ, следен е Мицкоски

Демократијата се враќа на Балканот со падот на шефот на балканскиот картел. Падна Орбан. Падна Вучиќ. Следен е Мицкоски. Македонија наскоро ќе биде ослободена од канџите на оваа организација и повторно ќе биде слободна. Медиумите ќе бидат слободни. Народот ќе ја слушне вистината. И правдата ќе биде задоволена, изјави Богданка Кузеска – портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.

„Граѓаните гледаат што се случува во Србија со режимските телевизии „Информер“ и „Пинк“. За среќа, сè заврши без посериозни последици. Студентската листа се огради од упадот и повика на смирување и институционална разврска. Но пораката беше јасна: народот повеќе не ја прифаќа лажната реалност што му ја сервираа со години. Години наназад, преку лажни вести, навреди, клевети и непрекината пропаганда, Драган Вучиќевиќ и Жељко Митровиќ го хранеа гневот на граѓаните. Вучиќевиќ, како главен пропагандист на Вучиќ, го викаше народот „усташи“, „терористи“, а студентската листа ја нарекуваше „силувачко-секташка листа“. Митровиќ го држеше Пинк како лична телевизија на режимот“, рече таа.

Според Кузеска, истиот рецепт го гледаме во Македонија.

YouTube · кликнете за да се вчита видеото

„Латас и Ивона Талевска се пандан на тоа дуо. Латас – човек со години во служба на српската државна безбедност, БИА и Вучиќ – „началник“ на Мицкоски за пропаганда. Тој управува со сите Орбан-Вучиќ медиуми во Македонија. Ивона Талевска, уредничка на Алфа ТВ и на Еуроњуз со лиценца од Вучиќ. Двајцата се чести гости во кабинетот на Александар Вучиќ во Белград, каде со години ги запишуваа барањата на режимот. Двајцата користат ист метод: Гебелс – колку погласно и појако, толку повеќе ќе стане вистина. Латас и Мицкоски го викаат народот „талог“, „мочуриште“, „медиокритети“, „глодари“. Истата матрица, истата навреда, истата цел: да го омаловажат секој што не се согласува со криминалот и корупцијата“, рече Кузеска.

Доаѓањето на „Ало група“ во рамките на групацијата во која се наоѓа и „Информер“ во Македонија, додаде таа, донесе и нов пристап.

„Емисии копирани директно од Информер. Една од нив е „Колегиум“ – токму емисијата што ја води Вучиќевиќ и во која влегоа демонстрантите додека програмата траеше во живо. Денес истата емисија се емитува на ТВ Алфа. ТВ Алфа прво беше во сопственост на Веселин Јевросимовиќ, сопственик на „Comtrade“ од Белград, близок на Вучиќ. Пред неколку години доби ново сопствеништво – Орбанов човек за медиуми кој, заедно со својата колешка од унгарската национална телевизија, денес држи 40 отсто од медиумскиот пазар во Македонија. Зад финансирањето на Алфа ТВ од денот на преземањето стои Алта банка. Како што објавивме, промената на визуелниот идентитет на телевизијата и на банката се случи во исто време. Алта банка, која Европската централна банка ја запре, која има забрана во Црна Гора, која е под истрага за сомнително потекло на капитал и која врши трансфери за Москва, стои зад овој медиумски систем кај нас. Сопственикот Давор Мацура е близок до СНС и до Вучиќ, а за банката се смета дека е поврзана со семејството Вучиќ. Предложени се санкции за него во американскиот Конгрес“, рече Кузеска.

Таа додаде дека кога паѓа режимот, прво паѓа лажната слика што ја создавале медиумите.

„Граѓаните на Македонија живеат со истото со години. Сеење омраза, меѓунационални поделби и лажни вести. Пропаганда на владејачката ВМРО-ОКГ. Контрола на медиумскиот простор преку Орбан-Вучиќ медиуми, бот фарми, трол централи и лажни експерти. На овие медиуми секојдневно гостуваат и членови на платформата „ЗНАМ 2.0“, кoи по моделот на Вучиќ, имаат желба да го поделат СДСМ. Целта е да се распарчат гласовите на опозицијата преку сателитски партии, како што се ЗНАМ и руската партија Левица. Истите тие се иницијатори на рушење на СДСМ, со барања за поставување платени и уценети поранешни членови на раководството на СДСМ, одговорни за најлошиот изборен резултат во историјата на постоењето на нашата партија“, рече Кузеска.

Поврзани вести