Четврток, 5 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Зајкова: Имате на совест уште една жена – електронската нараквица ќе спасеше живот!

„Бесна сум и тажна што владејачкото мнозинство нема волја да ги заштити жените и ги остава сами на себе. Со неприфаќањето на електронската нараквица убивте уште една жена! Билјана пријавила насилство и смртни закани, девојка од 17 години бегала од насилникот и живеела во страв! И сега пред нас се болни и тешки прашања на кои надлежните мора да дадат одговори. Што работат институциите кога една девојка ќе пријави дека некој ѝ се заканува животот?“, прашува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

ЛДП само во последната година два пати го достави предлогот за електронска нараквица за сторителите на семејно насилство во Собранието. Наместо како досега, без соодветен надзор, на насилниците со електронската нараквица ќе им се контролира движењето и навремено ќе ги известува жртвата и надлежните служби доколку тоа е различно од судската наредба, велат од ЛДП.

„Со одбивањето на нараквицата на совест имате уште една жена! Најстрога казна за злосторниците е задолжителна. Но и таа не е доволна. Казната мора да ги стигне и оние кои можеа да го спречат ова злосторство, но свесно и со умисла, одлучија дека глупави изговори се доволни за одбивање на предлогот за електронската нараквица. Казна за соучесништво мора да има и за тие кои не постапувале! Без тоа, правдата нема да биде задоволена”, децидна е претседателката Зајкова.

ЛДП бара целосно расчистување на грозоморниот случај во Богданци, проверка на постапувањето на надлежните институции и одговорност доколку се утврдат пропусти.

„Уште колку Ивани, Росици и Билјани треба да ни се случат за конечно институциите да почнат да функционираат и да ги заштитат оние на кои заштитата им е најпотребна!

Доста е од декларативна заштита на жените! Доста е со изразување сочувства по трагедиите! На жените не им требаат празни ветувања, потребни се држава и институции кои ќе ги заштитат пред да биде предоцна“, се додава во соопштението на ЛДП.

Поврзани вести