Алиу: Заедничка цел на институциите е унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост

Министерот за здравство, Азир Алиу, се обрати на денешниот настан по повод унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост, во организација на интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, што се одржа во Собранието.

– Министерството за здравство, заедно со Министерството за образование и наука и Министерството за социјална политика, демографија и млади врз основа на „Меморандум за соработка“ се вклучени во воспоставување семејно-ориентиран систем за рана интервенција во детството. Здравството е првата врата каде што доаѓаат семејствата, затоа институционална задача е да не се пропушти ниту едно дете кое има доцнење во развојот, попреченост или ризик – било да е кај педијатар, патронажна служба, логопед или други стручни лица, посочи Алиу.

Тој информираше дека е во тек обука на тимови во јавните здравствени установи во Скопје, а стручни лица од Здравствен дом Скопје и Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација поминаа специјализирана обука и учествуваа на студиска посета и сега активно даваат семејно-ориентирани услуги за рана интервенција.

-Министерството за здравство развива услови за продолжување на давањето семејно-ориентирани услуги за РИД во пилот установите и ќе се заложи за нивно постепено имплементирање на територијата на целата држава. Работиме на развој на системот за универзален скрининг, кој ќе се воведе на национално ниво и ќе биде достапен за сите деца до шестгодишна возраст. Тоа значи дека секое дете ќе има можност за рана проценка, без разлика каде живее и кој е неговиот родител. Универзален скрининг значи еднаква шанса за сите деца, односно нема да се потпираме на случајност и на тоа дали родителот ќе успее да најде специјалист, туку системско, организирано следење на развојот, додава министерот Алиу.

Scroll to Top