Денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје уште појасно го потврди она што Алијансата за Албанците го кажа уште пред нејзиното доаѓање. Моментот мора да се искористи и земјата мора да продолжи напред,соопштија од партијата.
„Денешната порака од Брисел беше јасна и конкретна. За отворање на првиот кластер од преговорите останува уште еден клучен чекор – деблокирање на евроинтегративниот процес преку уставните измени, а по деблокирањето на процесот земјата ќе го добие и акцискиот план за следната фаза. Значи, решението постои. Она што недостасува е само политичката волја. Во исто време, соседните земји напредуваат, отвораат и затвораат поглавја и поставуваат сè поконкретни рокови за нивниот европски пат. Процесот на проширување е во движење и Северна Македонија не смее да остане надвор од овој моментум“, велат од Алијансата за Албанците.
Партијата оценува дека по денешната посета повеќе нема простор за ново губење време.
„Дијалогот мора да продолжи, отворените прашања мора да се решаваат, а преземените обврски треба да се третираат со политичка и институционална одговорност. Позитивно е што дијалогот со соседните земји продолжува. Но, дијалогот мора да произведе резултати, а не нов циклус на чекање. Граѓаните на оваа земја чекаа доволно. Ако по деблокирањето нè очекува јасен акциски план и нова фаза од преговорите, тогаш приоритет треба да биде токму деблокирањето на процесот. На Северна Македонија не ѝ е потребна уште една изгубена година. Потребни ѝ се одлуки, реформи и европска перспектива која конечно ќе се претвори во реален процес. Европа се движи. Регионот се движи. Време е да се движиме и ние“, велат од Алијанса за Албанците.







