Вкупно 296 сообраќајни прекршоци се регистрирани преку системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, во првите два дена од неговото функционирање, информираат од СВР Охрид.
На 12 октомври, првиот ден од функционирањето на системот, биле регистрирани 148 прекршоци, а исто толку биле евидентирани и на 13 октомври, заклучно со 19 часот.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор и управување со нерегистрирани возила.
Од СВР Охрид информираат дека сите прекршоци се документирани, а до сопствениците на возилата се доставуваат известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.
Полицијата апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и сигнализацијата, нагласувајќи дека целта на системот е поголема сообраќајна дисциплина и безбедност на патиштата.







