Бесплатни ехо-прегледи на дојки за девојки и жени од Карпош

Во насока на подобрување на женското здравје, општина Карпош во соработка со ординацијата по гинекологија и акушерство ПЗУ „Св. Алексеј“ – Скопје, од идната среда, први април, организира бесплатни ехографски прегледи на дојки за жени до 45 годишна возраст, известуваат од Општината.

„Станува збор за проект кој финансиски го поддржува локалната самоуправа, а истиот се реализира преку Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2026 година. Со оваа проектна активност Општината има за цел да ја подигне свеста за женското здравје, преку бесплатни превентивни прегледи кои ќе се одржуваат во ПЗУ „Св. Алексеј“, која функционира во рамки на ЈЗУ Поликлиника Букурешт (Карпош 3).

Во тој поглед, заинтересираните карпошанки можат да го закажат бесплатниот медицински преглед и да добијат повеќе информации, започнувајќи од денеска, среда (25.03.2026) година, на телефонскиот број 071 243 400.

Проектот се фокусира на едукација на женската популација за здравјето на дојките, промоција и рано откривање на болести како што е ракот на дојка. На овој начин се зајакнува заедницата преку стручна едукација, при што се поттикнува и акција за преземање на здравствени мерки и се актуелизираат дискусиите за свесноста на женското здравје“, се наведува во соопштението на Општината.

Scroll to Top