Бесплатни проекции на македонски филмови на големото платно

Агенцијата за филм и Cineplexx продолжуваат со проектот „Македонски филм. На големо
платно.“, кој ова лето носи богата програма со бесплатни проекции на македонски
филмови.

Во текот на јули и август, секој понеделник од 19:00 часот, во Cineplexx публиката ќе може
да проследи внимателно избрана селекција од долгометражни, омнибус, кратки играни и
анимирани филмови. Влезот е бесплатен, по принципот „прв дојден, прв услужен“, без
претходна резервација на билети.

Програмата за јули започнува со омнибусот „Скопје ремикс“ (6 јули), по што
следува „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски (13 јули), Блокот кратки анимирани
филмови: „Девојката што паѓа“, „Образец Б16“, „Неми филмови“, „Кружно патување на
Марето“ и „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“ (20 јули), а месецот завршува со
филмот „Мими“ во режија на Дарјан Пејовски (27 јули).

Во август, публиката ќе има можност да ги погледне „Деца на сонцето“ во режија на
Антонио Митриќески (3 август), „Незаборавна пролет во едно заборавено село“ во режија
на Куштрим Бектеши (10 август), Блокот кратки играни филмови составен
од „Еклер“, „Синиот час“, „Награда“ и „Имиња“ (17 август), како и „Кога денот немаше
име“ во режија на Теона Стругар Митевска (24 август), додека програмата ќе биде
заокружена со „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски (31 август).

„Драго ни е што преку проектот „Македонски филм. На големо платно.“ публиката има
можност бесплатно да ги гледа македонските филмови во кино. Продолжуваме и во текот
на јули и август со внимателно селектирана програма која опфаќа современи остварувања,
омнибуси, кратки играни и анимирани филмови. Веруваме дека секоја проекција
претставува нова средба меѓу авторите и публиката и придонесува кон развојот на
филмската култура, охрабрувајќи ја публиката да го открива, препознава и поддржува
македонскиот филм“, истакна директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Scroll to Top