Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти посочениот случај кој е споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција, соопштија денеска од таму по информацијата во медиумите дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци.
РКЕ нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја вршат работата“, соопштија од Регулаторната комисија.
Според претходно изнесените информации Бислимоски, спротивно на Законот за енергетика и правилата за лиценци, не отпочнал постапка за одземање лиценца за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта и нафтени деривати (вклучително еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно масло и течен нафтен гас) – на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје, иако, за тоа постоеле законски основи поради неисполнување пропишани услови.







