Блокадите од ССМ имаат политичка заднина, смета Мицкоски

Премиерот, Христијан Мицкоски, вели дека денешниот протест на ССМ има политичка заднина и дека со договорот кој го направиле со синдикатите, Владата ги исполнила своите обврски.

„Па овој договор на Владата со синдикатите значи уште еден историски договор, дека во следните две години и неколку месеци, односно почнувајќи од април 2026 до април 2028, околу единаесет илјади луѓе од администрацијата и од службите во судовите и обвинителствата ќе добијат околу 40% повисока плата, од таа што денеска ја добиваат. И со ова Владата како најголем работодавач го заокружува својот договор со своите колеги. Практично на ова му претходеа здравствените работници, па образовните работници, па другите институции и конечно сега со САДУ и со УПОЗ, на тоа ги додадовме и вработените во службите на судовите и обвинителствата, околу единаесет илјади наши колеги. Сето ова кога ќе се заокружи, ние можеме да кажеме дека до крајот на мандатот на оваа Влада, сме ги регулирале нашите обврски и односи со нашите колеги“, рече Мицкоски.

На прашањето дали ќе се донесе едно конечно решение околу минималната плата, бидејќи денеска има блокади пред Собранието, а има и најави за блокирање на Стопанските комори и на Владата, премиерот Мицкоски рече:

„Не, тоа ќе продолжи. Затоа што ова има политичка позадина. Еден од денешните протестанти со мене држеше прес-конференција, видно во егзалтична состојба задоволен од тоа што го постигнал. Но, денеска го гледате блокира со тој другиот којшто се повикува на работнички права, злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци работниците кој ги води, кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси. И тоа во периодот што следи, ќе го има, нема да престане, јас сум свесен. Но она, коешто за мене е важно како претседател на Владата е дека аргументот Владата е најголем работодавач, треба да си ги регулира обврските, ние си ги завршивме нашите обврски.

Во бипартитниот дијалог меѓу коморите, односно работодавачите и работниците, ние сме фасилитатор. И рековме ќе го поддржиме секое решение коешто практично тие ќе го договорат. Но политички инструирани, самонаречени водачи, ние не можеме да поддржуваме. Не сакаме да поддржуваме, да влегуваме во таков тип на процеси. Повторно ќе кажам, еден од оние коишто денеска протестираше, пред два дена со мене држеше прес-конференција во една егзалтична состојба, кажуваше дека ова е историски договор и дека ова никогаш не се случило до сега и така натаму. Но, граѓаните сами нека судат и нека ценат.“

Scroll to Top