Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја повика Владата веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори јавно: дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот. Ова се случува откако британскиот медиум „Тајмс“, во текст насловен „Одбиените баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“ соопшти дека македонската Влада официјално преговара со Велика Британија за отворање мигрантски кампови.
„Предавникот Мицкоски, кој се колнеше во татковина и викаше дека ‘шанса нема’ да има кампови, преговара да ја направи Македонија депонија за мигранти. Со ова предавство државата станува отпадна периферија на Европа. Според текстот, разговорите почнале уште во раната есен, во период кога Мицкоски во земјата глумеше патриот и уверуваше дека нема да се отвораат кампови. За секој примен мигрант, Мицкоски и владата ќе добиваат пари од Британија. Тоа значи дека Мицкоски ја продава државата, ја претвора во мигрантски логор за ситни пари. Ова е трговија со суверенитетот, со безбедноста и со иднината на нашите граѓани! Уште пострашно е што, според ‘Тајмс’ мигрантите ќе имаат можност да бараат азил и да работат во Македонија. Ова значи дека владата планира трајно населување и отворање на пазарот на труд за мигранти во градежништвото и други гранки“, велат од СДСМ.
Опозициската партија додава дека најостро се спротивставува на ваквите тајни договори и бара премиерот веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори јавно: дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот.
Претходно денес, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие не би биле задржувани во притвор и би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
Британија исто така, според весникот, води разговори со Косово за отворање центар за враќање, но други земји – вклучително и Босна и Херцеговина – веќе ја исклучиле можноста да учествуваат.
Користењето трета земја како центар за враќање би му овозможило на Обединетото Кралство да отстранува мигранти кои доаѓаат од држави што се сметаат за небезбедни. Во моментов, мигрантите од овие земји можат да го преминат Ла Манш сигурни дека нема да бидат вратени дома.
На прашањето за извештаите дека министрите водат разговори со Северна Македонија за мигрантски центар за враќање, портпарол на Даунинг стрит рече: „Постојано нагласуваме дека нема да даваме тековни коментари за центрите за враќање. Оваа влада јасно кажа дека нема магично решение. Но, наместо лажни решенија и празни трикови, ги засукуваме ракавите и преземаме сериозни чекори кои се потребни за да се обезбеди граничната безбедност што јавноста ја очекува.“
Досега оваа година 39.292 мигранти со мали чамци пристигнале во Британија преку Ла Манш, што е за 17 проценти повеќе од истиот период лани.







