Пратеничката од редовите на ВМРО–ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната седница на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот побараа изземање на претседавачот Димитар Апасиев од Левица.
„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа, а колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.
Василевска посочи дека според правните принципи, особено во ваков тежок предмет, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање. Таа истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.
„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, рече Василевска.
Апасиев и одговори на Василевска.
„Почитувана колешке, искрено се надаев дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам, но тој дојде со целото ваше правно и латинско незнаење. Вашето правно незнаење и глума како професор по право не треба да ни го продавате како теоретски аргумент. Она што го прочитавте беше допис на Обвинителот во врска со вашата вмровска анкетна комисија, а не со Постојаната анкетна комисија, која е уставна категорија, гарантирана во членот 76 од Уставот. На вистината, почитувани колешки, не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој Парламент“, рече Апасиев.
Додаде дека Комисијата не врши истражни и други судски функции, но согласно Уставот, наодите на Комисијата се основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции.
„Каква одговорност? Па се разбира дека политичка одговорност, за да немаме министер во актуелната Влада кој со службено возило оди на судење. Е, за тоа е оваа Комисија, за да утврдиме каде потфрливме ние како општество, а потоа и сите ние како пратеници”, рече Апасиев.







