Филмските изјави на премиерот Христијан Мицкоски за наводен раст на платите од 11 до 13 проценти месечно се најголемо потценување и навреда за граѓаните, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Мицкоски сака да каже дека платите во последните месеци пораснале и до 110 проценти. Такви фантазии не постојат во македонската економија. Реалноста е спротивна – цените растат, а платите стагнираат“, рече Кузеска.
Таа посочи дека според официјалните податоци синдикалната кошница за четири месеци се зголемила за 3.473 денари, додека просечната плата пораснала за само 1.033 денари.
„Минималната плата во Македонија е најниска во регионот, додека во БиХ е 511 евра, во Србија 500, во Црна Гора меѓу 600 и 800 евра. Владата на Мицкоски не дозволува минималната плата да достигне 500 евра“, изјави таа.
СДСМ оценува дека Македонија тоне во сиромаштија, со БДП по глава на жител од 8.751 долар, далеку под европскиот просек.
„Филмовите на Мицкоски не ја плаќаат потрошувачката кошница. Владата мора веднаш да ги покачи платите и да го прифати предлогот на СДСМ за минимална плата од 500 евра и покачување во сите сектори“, додаде Кузеска.