(Видео) Ефтимов: ВМРО-ДПМНЕ објави доверливи полициски податоци, бараме Обвинителството веднаш да отвори истрага

Социјалдемократската младина (СДММ) бара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага поради, како што тврди, неовластено изнесување и објавување податоци од документи на Полициската станица Струмица, поврзани со настаните во Ново Село.

На прес-конференција, Христијан Ефтимов од СДММ обвини дека ВМРО на прес-конференција објавило податоци од полициски документи до кои, според него, партијата немала право на пристап и кои се воделе како службена тајна.

„Денес стоиме пред вас не како обвинети, туку како нападнати. Криминалната група ВМРО ги штити тепачите што ги пратија врз нас во Ново Село. Прво нè нападнаа физички. Сега нè напаѓаат јавно – со лаги, со навреди и со украдени полициски документи – кои се доверливи“, рече Ефтимов.

Тој побара Јавното обвинителство да отвори истрага и да поднесе кривична пријава против полициски службеници од Полициската станица Струмица за кои СДММ тврди дека неовластено извадиле и предале доверливи полициски податоци, против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и против Валентин Манасиевски, за кого рече дека јавно ги објавил податоците.

Од СДММ бараат и Внатрешната контрола на МВР итно да утврди кој им овозможил на функционери на ВМРО пристап до службена тајна и кој ставил потпис, за што најавија дека ќе бараат и посебно вештачење.

„Ако институциите не постапат, ние ќе поднесеме кривична пријава. За сите. Погрешивте што дигнавте рака на младите. Погрешивте што направивте уште едно кривично дело за да нè замолчите“, рече Ефтимов.

Тој порача дека младите од СДММ нема да бидат заплашени.

„Не успеавте во Ново Село. Нема да успеете ниту сега. Ние не се плашиме. Вистината е на наша страна. И доаѓа време кога сите ќе одговарате“, рече Ефтимов.

Scroll to Top