Програмата „Месеци на практикантство“ ќе се реализира во текот на август и септември во соработка со државните универзитети. Преку оваа програма студентите ќе добијат можност своето академско знаење да го применат во пракса, работејќи директно во општините, истакна на прес-конференција Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Со реализацијата на овие активности спроведуваме, рече тој, една од мерките предвидени во Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2021–2031, која Собранието ја усвои како изменет и дополнет документ усогласен со приоритетите на Националната развојна стратегија 2024–2044.
Како што појасни станува збор за мерка која предвидува имплементација на програми за практикантство со цел да се зголеми вработливоста на младите невработени, жените и другите ранливи категории, да се намали јазот помеѓу образованието и потребите на пазарот на труд и да се превенира недостигот од вештини, особено во планските региони каде младите се соочуваат со поголем ризик од невработеност.
„Оваа мерка е дел од Приоритетот 1.5 од Стратегијата за регионален развој, насочен кон подобрување на структурата на работната сила и инвестирање во човечкиот капитал. Воедно, преку оваа иницијатива воспоставуваме поефикасен систем за планирање, координација и спроведување на развојните политики, со посилна поврзаност меѓу националните институции, локалната самоуправа, академската заедница и младите.
Агенцијата ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и воспоставениот меморандум за соработка со државните универзитети, ќе ја организира и координира нивната практична работа согласно реалните потреби на општинските администрации“.
Преку вакви програми им овозможуваме на студентите, додаде тој, да стекнат практични знаења, работно искуство и полесен пристап до пазарот на труд, а на општините им обезбедуваме нова енергија, идеи и квалитетен кадар.
„Нашата цел е младите да добијат реални можности за личен и професионален развој во сопствената држава и да ја градат својата иднина дома во Македонија“.







