(Видео) Конески: УМС доби нов Извршен комитет, ќе бидеме посветени на креирање нови иницијативи и политики за младите

Одлуката за вработување на уште 300 приватни специјализанти е значаен чекор кон создавање посилно, поквалитетно и подостапно јавно здравство, но и порака дека младите лекари се потребни, вреднувани и имаат своја перспектива во Република Македонија, кажа денеска на прес-конференција, Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оваа мерка, до крајот на 2026 година, уште 300 млади лекари ќе добијат можност да го продолжат својот професионален пат во јавните здравствени установи, своето знаење и стручност да ги вложат во здравствениот систем и да придонесат кон подобри услови за граѓаните. Ова претставува директна инвестиција во младите медицински кадри, но и сериозен чекор кон решавање на предизвикот со недостигот од специјалистички кадар. Со создавањето услови младите лекари да останат и да се развиваат во својата држава, се гради стабилен и одржлив здравствен систем“, кажа Конески.

Според него, особено значајно е што со оваа мерка се опфатени и здравствените установи надвор од Скопје, со што се овозможува рамномерен развој на здравството и подобра достапност на специјалистичките услуги за граѓаните во сите делови на Република Македонија.

„Ова е пример дека кога се инвестира во младите, се инвестира во иднината на државата. Секој млад човек кој добива можност да го надградува своето знаење, да напредува професионално и својата иднина да ја гради дома, е придобивка за целото општество. Како претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, верувам дека младите не се само иднината на државата, туку и нејзината сегашност и најголем развоен потенцијал. Затоа, нашата обврска е да ги слушаме нивните потреби и да работиме на политики кои создаваат реални можности за нивниот развој“, истакна тој.

Токму со таква визија, рече Конески, започнува работата на новоизбраниот Извршен комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е тим составен од млади луѓе со знаење, енергија и желба за работа, кој во наредниот период ќе биде поставени на креирање нови иницијативи, предлози и политики насочени кон младите. Нашата цел е Унијата на млади сили да биде организација која ги слуша младите, ги препознава нивните потреби и активно работи на создавање услови за нивен личен и професионален напредок. На вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше донесена одлука за избор на новиот состав на Извршниот комитет на Унијата на млади сили. За генерален секретар е избран Дамјан Коњановски. За заменик генерален секретар е избран Стојан Пандов. За потпретседатели се избрани Борис Шамбевски, Илија Ристески и Тијана Тесалоника Шишкоска. За организациони секретари се избрани Антоанета Лазаревска, Денис Пановски, Иван Димитриевски и Мартин Ивановски. За претседател на Градскиот комитет на УМС е избран Љупчо Ристески, додека меѓународен секретар ќе биде Луна Стефаноска. За членови на Извршниот комитет се избрани: Лина Рангелова, Софиа Даштевска, Марио Николовски, Иван Коцев, Филип Анастасов, Виктор Петков, Стефан Здравески, Филип Милев, Трајче Стојановски, Марио Стојчевски, Петар Младеновски, Георги Петков, Анастазија Георгиева, Јована Спасеноска, Петар Мицкоски, Александра Николовска, Тамара Трајковиќ, Дамјан Ивановски, Горјан Смилков, Стефан Стојчевиќ, Михаела Ристеска, Христијан Ефтимов и Верица Ценева. Ни претстои период на многу работа, многу активности и голема одговорност. Со посветеност, тимска работа и конкретни резултати ќе покажеме дека младите се важен фактор во развојот на општеството и активни носители на позитивните промени во Република Македонија“, истакна Конески.

Scroll to Top