Владата планира да купи нов авион вреден околу сто милиони евра, тврди портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа вели дека се уште нема одговори колку чинело луксузирањето на Мицкоски со владиниот авион и кој бил со него.
„Но, луксузирањето на Христијан Мицкоски врз грбот на граѓаните и летањето со владин авион на Јадранско море го откри неговото вистинското лице и лицето на неговата расипничка власт. До толку се опиени од моќта, од аздисаноста, државата ја сметаат за нивна приватна сопственост, шанса за бизнис и уживање, а граѓаните за поданици кои се тука да им го плаќаат луксузот“, рече Кузеска.
Додека народот брои денари до крајот на месецот, работниците се на улиците за поголеми плати, додаде таа, премиерот лета на одмор со владин авион.
„Владата вели нема пари за плати, одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра. Им кратат 40 милиони евра на земјоделците за субвенции, 5 милиони евра од поддршката во спортот. Дури и на лицата со ретки болести им скатија 3 милиони евра. А истовремено планираат да купат нов владин авион вреден околу сто милиони евра“, рече Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ бара власта веднаш да се откаже од намерата за купување на нов авион.







