Гласен молк на власта за најголемиот нарко-скандал во регионот – заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа додава дека и после десет дена од објавувањето на овој скандал нема одговори како 5 тони дрога, со неколку камиони, ја преминале македонската граница и кој ќе одговара?
„Молкот не е случајност туку јасен индикатор дека овој скандал води до врвот на власта и дека некој се обидува да го заташка. Затоа што е јасно, без поддршка и логистика на структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции – ваква шверцерска операција на дрога не била возможна. Во медиумите беа објавени информации дека камионите што ја превезувале дрогата биле пломбирани. Ако е ова точно, се отвораат и нови аспекти за тоа кој се вмешан. Секоја стока што преминува преку граница мора да биде тарифирана согласно тарифни броеви. Ако на овој начин била пренесена дрогата, биле ставени други тарифни броеви што води до заклучок дека станува збор за организирана група, директно поврзана со повеќе институции“, рече Кузеска.
Според неа, ова е скандал од огромни размери, кој, како што ка, директно го разоткрива длабокиот криминал на владата предводена од ВМРО и премиерот Христијан Мицкоски.
Кузеска рече дека СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага за целосно расчистување на скандалот која ќе ги даде одговорите кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница и дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?







