(Видео) Кузеска: ДКСК веднаш да го истражи случајот со Игор Јанушев

Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска побара од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да отвори предмет и да ги испита наводите за поврзаност на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, со компанија регистрирана во Бугарија.

Според Кузеска, документите објавени во медиумите покажуваат дека Јанушев е поврзан со бугарска компанија, а таквата поврзаност, како што рече, не била наведена во неговите анкетни листови доставени до ДКСК.

„ДКСК мора веднаш да отвори предмет, да ги провери сите факти, да ги побара сите документи и без одлагање да ја информира јавноста“, изјави Кузеска.

Таа праша дали Јанушев пријавил сѐ што бил должен да го пријави согласно закон или, како што наведе, криел удел во фирма.

Кузеска посочи дека институциите се должни да дадат одговори за случајот и оцени дека станува збор за сериозен скандал кој го засега врвот на Владата.

Од СДСМ побараа Јанушев да поднесе оставка од функцијата генерален секретар на Владата додека трае евентуалната истрага за неговата наводна поврзаност со компанија во Бугарија.

Scroll to Top