(Видео) Манасиевски: Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски како Алфа и Омега во СЈО, Катица Јанева ги делела предметите по насока од СДС и Заев

Професионалците Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски се однесувале како Алфа и Омега во СЈО, а денес се прикажуваат како жртви, додека Катица Јанева ги делела предметите на нејзините тимски играчи, од добиените „бомби’’ од страна на СДС и Заев, вака вели во своето сведоштво на телевизиско гостување поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека пред да почне со работа СЈО, биле одбрани 7 од вкупно 12 обвинители, додека пак останатите 5 коишто требале да се приклучат, се приклучиле за многу кратко време, само поради фактот што еден од тие 5 обвинители морал да биде Гаврил Бубевски.

„Се чекало на амин од страна на Зоран Заев за овој тим да се оформи и да почне со работа. СЈО кое било користено за интересите и потребите на СДС, информации кои ние долго време ги говоревме, денес веќе и се потврдуваат. Дека станува збор за договор на Катица Јанева и Зоран Заев во тоа време, говори сведоштвото на Кадриу, која вели дека Јанева на своите вработени им кажала дека на ден 30.12.2015 година, не мораат да дојдат на работа, туку да си ги спојат тие деновно односно со празниците и да одмораат дома но, една од оние кои не го направиле тоа била и Лејла Кадриу, која сведочи како тој ден кога не требало никој да има на работа, Зоран Заев, Радмила Шекеринска и други лица биле во СЈО и носеле материјали кои незаконски ги примиле Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска. Дополнително на ова, сите таканаречени бомби, биле прво праќани до ЈО, за потоа да бидат проследени до СЈО, за Катица Јанева да ги распореди кој предмет за кој обвинител да го работи“, вели Манасиевски.

Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, додава тој, биле толку големи професионалци во својата работа, што овие пријави од Зоран Заев ги преземале без никаков записник, што, како што вели, е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите.

„Од една страна ја имаме, Ристоска која сака да биде државен јавен обвинител, која во тие моменти била воодушевена од присуството на Заев и Шекеринска, нешто коешто во својата работа не смее да го покажува. Имено, дали баш на овој начин Ристоска би го водела и обвинителството, со симпатии кон одредени структури во државата? Од другата страна, го имаме Гаврил Бубевски, човек кој самиот се фалел дека не смеело ништо да помине токму без негово одобрение во СЈО, човекот кој имал 4 телефони, и на секој телефон добивал различни насоки од луѓе кои му кажувале кој предмет кој обвинител да го работи. Со тоа, директно надворешни структури, односно Зоран Заев и СДС влијаеле на епилогот на овие пријави. Овие професионалци кои денес глумат жртви треба да се извинат за она што го правеле во минатото, по сведоштвата на обвинителката Лејла Кадриу, личност која ја делела истата канцеларија токму со овие луѓе“, рече Манасиевски.

Scroll to Top