Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.






