СДСМ бара вонредна седница на Советот на општина Карпош по, како што велат, повлекувањето на градоначалникот, Сотир Лукровски.
„После распадот на ЗНАМ, сега пукнатините јавно излегуваат на површина и во ВМРО-ОКГ. Градоначалникот Сотир Лукровски се повлекува, затоа не сака да потпишува документи поврзани со бизнис интересите на Мицкоски и неговата група. Документи кои можат да значат лична кривична одговорност поврзана со сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање фирми“, изјави Панче Милевски – Панта, претседател на општинската организација СДСМ Карпош.
Тој обвинува дека градоначалникот Сотир Лукровски исчезнал токму кога на граѓаните им е најпотребна одговорна и присутна локална власт.
„Карпош денес е симбол на застој, нефункционалност и институционален хаос. Општината е закочена, проектите стојат, а граѓаните се оставени без одговори. Во меѓувреме, граѓаните на Карпош оправдано прашуваат: Дали е доведено целосното функционирање на општината? Дали се доведени во прашање платите на вработените во Општина Карпош во следните месеци? Дали вработените треба да стравуваат за својата егзистенција поради неспособноста, неработењето и хаосот што го создаде локалното раководство?“, рече Милевски.
Според него, ова не е само личен неуспех на Сотир Лукровски туку уште едно погрешно кадровско решение на Христијан Мицкоски.
Милевски вели дека доколку градоначалникот не е подготвен или не е способен да ја води општината, тогаш единствено чесно решение е оставка и распишување вонредни локални избори.







