Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на Денот на даночните работници.
Ова рече Мицкоски е ден кога треба да се говори за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста.
„Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија, тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин. Од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра“.
Тоа, како што посочи е за 260 милиони евра повеќе од минатата година.
Според него тоа значи дека економијата расте.
„Активноста се зголемува. Компаниите работат. Платите растат. А со тоа растат и приходите.
Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго, за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска. Навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември периодот 2025 година изнесува 95%. Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред и уште поважно:Навременото плаќање на ДДВ порасна на 81% од тоа што беше во претходните две години 76%. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен“.
Мицкоски дополни дека ниту еден напредок нема вистинска вредност ако не се брани од најголемата закана за секоја држава, корупцијата.
Во оваа борба, УЈП, додаде тој е клучна фронт-линија.
„Ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат земјата уште поконкурентна.Нашата цел е многу јасна силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција.







