Македонските аеродроми бележат силен раст на патничкиот сообраќај, а во првите седум месеци од годинава преку аеродромите во Скопје и Охрид поминале повеќе од 2,4 милиони патници, кажа денеска на прес-конференција, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска.
„Македонските аеродроми се најбрзо растечки во регионот, а цивилниот воздушен сообраќај бележи силен и континуиран раст. Резултатите во првите седум месеци од 2026 година се јасна потврда дека Македонија станува сè попосакувана дестинација и подобро поврзана со Европа и светот“, рече Петкоска.
Од јануари до јули, според податоците што ги презентираше, двата македонски аеродроми опслужиле вкупно 2.414.892 патници. Во истиот период лани бројката била 1.879.195, односно годинава има 535.697 патници повеќе.
Раст има и кај бројот на летови. Во првите седум месеци биле реализирани 16.280 летови, наспроти 14.985 во истиот период во 2025 година.
Особено успешен бил јули, кој донел рекордни резултати и на скопскиот и на охридскиот аеродром.
„Меѓународниот аеродром Скопје го имаше својот рекорден месец во историјата, со 408.925 опслужени патници, што претставува раст од 29,5 проценти во однос на истиот месец минатата година“, изјави Петкоска.
Во јули на скопскиот аеродром биле реализирани 2.670 летови. На 20 јули бил поставен рекорд со 101 реализиран лет во еден ден, додека на 31 јули преку аеродромот поминале повеќе од 16.000 патници.
„Бројот на опслужени патници на скопскиот аеродром од јануари до јули е 2.239.811, наспроти 1.738.378 во истиот период во 2025 година“, рече Петкоска.
Рекордни резултати, според неа, бележи и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
„Јули 2026 година е најуспешниот месец во историјата со 52.544 патници, што претставува раст од дури 41,2 проценти. Реализирани се 443 летови, а на 26 јули преку аеродромот поминале околу 3.000 патници во еден ден, што претставува нов дневен рекорд“, изјави Петкоска.
Во периодот од јануари до јули преку охридскиот аеродром патувале 175.081 патник, во споредба со 140.817 во истиот период лани. Бројот на реализирани операции, пак, пораснал од 1.049 на 1.350.
Петкоска смета дека зголемениот број патници не е само статистички податок, туку дека има директно влијание врз туризмот и услужниот сектор.
„Зад нив стојат повеќе туристи, повеќе гости во хотелите и рестораните, повеќе работа за туристичкиот сектор и поголем придонес кон економскиот развој на државата“, рече таа.
Според пратеничката, растот на воздушниот сообраќај создава дополнителни можности и за угостителството, транспортот и останатите услужни дејности.
„Зголемениот број патници покажува дека Македонија станува сè попривлечна и подостапна дестинација, а растот на воздушниот сообраќај создава дополнителни можности за туризмот, угостителството, транспортот и целокупниот услужен сектор“, изјави Петкоска.
Таа растот на воздушниот сообраќај го поврза и со работата на актуелната Влада.
„И сето ова не е случајност, туку резултат на голем вложен труд и две години посветена работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, порача Петкоска.







