(Видео) Петровска: Трипуновски потона во скандали и корупција, а земјоделците останаа без субвенции и без пари

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на денешната собраниска седница за интерпелација на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски порача дека зад гласните ветувања на Трипуновски останале само лаги, скандали, корупција и целосно разочарување кај земјоделците.

„Велевте дека нема компромис со доброто на земјоделците, сточарите, нивните семејства. Ветувавте чуда, преродба, правна држава, систем. 3% од сето тоа кажано да го реализиравте, денеска пред Собрание ќе беа земјоделците и сите тие за кои велите дека сте сработиле во ваша поддршка“, истакна Петровска.

Таа посочи дека дури ни пратениците од владејачкото мнозинство не покажуваат подготвеност да го бранат министерот.

„Не само што ги нема нив, погледнете ја салата. Вашите другари од истата партија ги нема во салата да ве бранат“, рече Петровска.

Во своето обраќање таа отвори сериозни прашања за корупција, непотизам и злоупотреби во ресорот со кој раководи Трипуновски.

„Двајца функционери од секторот земјоделие, од кои едниот лично назначен со ваш потпис, беа уапсени за поткуп. Директорот на инспекторатот, оној што е назначен со ваш потпис, беше фатен со рекордни 50.000 евра“, нагласи Петровска.

Дополнително, таа потсети и на сомнежите за непотизам уште на самиот почеток од мандатот на Трипуновски.

„Само десетина дена откако бевте назначен за министер во 2024 година, токму првиот договор за закуп на земјиште го склучивте со ќерката на директорот на Платежната агенција. Тоа се правилата по кои функционирате“, посочи Петровска.

Пратеничката нагласи дека министерот нема преземено никаква политичка одговорност и покрај серијата скандали и проблеми во секторот.

„Вие бевте известени дека средствата од ИПАРД 3 програмата се блокирани, прекината е исплатата. Не ви се тоа доволни показатели од морална причина да заминете од функцијата? Седум години ве слушавме како држите предавања за морал и етика и како велевте дека и за најмала ситница треба да има политичка одговорност“, рече Петровска.

Таа посочи дека земјоделците и денес ги чекаат субвенциите што власта постојано ги ветува.

„Денеска најчесто прашувано прашање помеѓу земјоделците е – каде се субвенциите? Земјоделците велеа дека се доцни. Земјоделците велеа дека неисплатата на субвенциите им влијае на тоа што тие треба да го прават понатаму, да инвестираат. Не го направивте тоа“, истакна Петровска.

Осврнувајќи се на состојбите во оризопроизводството, таа потсети дека реалноста е далеку од ветувањата што Трипуновски ги давал како опозиционер.

„Колку оризова арпа се наоѓа во амбарите? 5.000 тона. Дали цената е толкава колкава што беше кога Цветан Трипуновски беше во опозиција и велеше дека ќе биде 34 денари? Не. На теренот состојбата е многу поинаква“, нагласи Петровска.

На крајот, таа порача дека интерпелацијата е барање за политичка одговорност поради лагите, скандалите и катастрофалните резултати во земјоделството.

„Оваа интерпелација не е напад врз личност. Ова е барање за политичка одговорност. Инспирирани сме од сите лаги коишто ги кажувавте изминатите две години. Би било доблесно заради ова малкуте што ги набројав досега веќе да си имавте поднесено оставка“, порача Петровска.

Scroll to Top